Дончиќ болен и со стара повреда одигра неверојатен меч кај Голден Стејт

Словенечкиот плејмејкер Лука Дончиќ одново беше најдобар играч на Далас Маверикс, но иако уфрли 42 поени не успеа да го доведе тимот до „брејк“ кај Голден Стејт Вориорс (126-117). Дончиќ одигра неверојатен натпревар, Далас имаше и +19, меѓутоа сè тоа беше прокоцкано во второто полувреме. 

Според пишувањата на американските медиуми, Словенецот на овој натпревар настапил, иако во пресрет на истиот бил болен со температура и повраќање. Дончиќ веќе неколку дена имал веројатно стомачен вирус и бил во лоша здравствена состојба. 

Сепак, тоа не го спречи да го влече тимот кон победата, која на крајот не беше запишана. Американците веднаш го нарекоа овој натпревар „флу гејм“, алудирајќи на прочуената приказна за Мајкл Џордан и неговиот настап во финалето на плеј-офот против Јута. Популарниот Ем-Џеј своевремено болен го доведе Чикаго на чекор до титулата. 

Покрај тоа, Дончиќ влече и повреда на рамото, но и понатаму не изостанува од натпреварите и ќе се обиде да го води Далас до кам-бек во серијата со „воините“.