Дончиќ по исклучувањето цинично се смееше и „распали“: Да добиеш шест вакви фаули во финале... (ВИДЕО)

Далас Маверикс се на чекор до убедлив пораз во финалето на НБА лигата, откако дозволија „брејк“ на Бостон и водство од 3-0 во серијата. Првиот меч во Далас мина неславно за домаќинот, а особено за првата ѕвезда на тимот Лука Дончиќ. 

Речиси цел натпревар словенечкиот плејмејкер влегуваше во непотребни дискусии со арбитрите, а собра шест фаули и беше исклучен во моменти кога се кршеше резултатот. На четири минути и 12 секунди до крајот, Дончиќ во обид да изнуди напаѓачки фаул при продор на Браун ги натера судиите да покажат прекршок за Бостон. 

Иако Маверикси побараа челенџ, одлуката на арбитрите не се промени. Дончиќ не го прифати најдобро тоа и цинично се смееше на одлуката. По мечот Словенецот имаше што да каже за судењето: 

„Не знам што да кажам за арбитражата. Не ни дозволија да играме физички. Не сакам премногу да се осврнам на тоа. Сепак, да добиеш шест фаули на ваков начин, па уште во финале... Тешко е да се коментира. Судиите мора да бидат подобри“, изјави Дончиќ.

И четвртиот меч од серијата се игра во Далас, а се игра ноќта меѓу петок и сабота во 02:30 часот.