Дончиќ: Ако направиме брејк во Бостон, понатаму сѐ е можно!

Лука Дончиќ и неговите Далас Маверикс се подготвуваат за петтиот натпревар од финалната серија во НБА лигата и ќе се соочат со Бостон Селтикс во нивната „ТД Гарден“. 

Далас успеа да ја намали негативата на 3-1 и ќе има уште една шанса да остане „жив“ во финалето, а словенечката супер-ѕвезда смета дека неговиот тим има шанси да направи брејк и да ја пресели серијата на домашен терен. 

„Не сакам да мислам дека ќе загубиме. Бостон покажа сериозен карактер и одлична игра, но ние докажавме дека не сме случајно во финалето. Атмосферата ќе биде жешка и пеколна, тие ја имаат предноста на домашниот терен, но ако заиграме во наш стил, мислам дека можеме да ги изненадиме уште еднаш. 

Финалната серија секогаш може да донесе голема возбуда. Се надевам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи и ќе се вратиме дома со победа. Ако намалиме на 3-2, мислам дека понатаму сѐ е можно“, изјави Дончиќ. 

Петтиот меч помеѓу Бостон Селтикс и Далас Маверикс ќе се одигра на 18 јуни, со почеток во 02:30 часот по македонско време.