„Домот на спортови“ во Загреб ќе го носи името на најтрофејниот хрватски тренер

Хрватските власти официјално донесоа одлука да ја преименуваат легендарната загрепска сала, „Дом на спортови“ и таа во иднина ќе го носи името на славниот кошаркар и тренер, Мирко Новосел. 

Одлуката беше донесена едногласно, а официјално беше соопштена од Националната установа за управување со спортски објекти. Мирко Новосел е едно од најголемите имиња на хрватската кошарка. Тој беше најтрофеен тренер од земјата, кој во кариерата освои безброј титули, а во играчка пензија замина после цели петнаесет години настап за тогашна Локомотива, денешна Цибона од Загреб. 

Во 1992 година стана и селектор на Хрватска, а потоа со „коцкестите“ го освои бронзениот медал на Европското првенство во Германија. Беше еден од најважните поединци во стручниот штаб, кога Хрватска се пласираше во финалето на Олимписките игри во Барселона и таму се сретна со најсилната екипа на сите времиња - американскиот „дрим тим“ со Џордан, Пипен, Баркли и останатите. Токму на овој меч светот за првпат го запозна легендарниот Тони Кукоч, кој подоцна стана дел од непобедливата династија на Чикаго Булс.

Мирко Новосел е заслужен и за изградбата на многу спортски објекти во Загреб, а долги години помагаше и во развојот на младите кошаркарски таленти од Југославија, а подоцна и од Хрватска. Роден е во 1938 година во Кралството Југославија, a почина во јули минатата година, на 85-годишна возраст.