• Мартин Танасковски

Екипата на Црвена Звезда е првиот финалист во АБА-лигата затоа што ја потврди класата и убедливо победи на гости кај Будуќност (56-97) во вториот натпревар од полуфиналната серија од регионалното натпреварување.
По сигурната победа на домашен терен, „црвено-белите“ демонстрираа уште едно силно издание против ривалот кој некогаш знаеше да биде незгоден. По изедначениот прв квартал (26-25), Звезда го промени ритамот во втора брзина и откако му дозволи на Будуќност да постигне осум поени во десет минути (8-23, за предност од 34-48 на паузата), си создаде доволна залиха.
Митровиќ даде 17 поени, пред Петрушев со 14, а Недовиќ имаше 13 поени, додека кај Будуќност, Обрајан даде девет, а Дробњак и Каба по осум поени.
Во финалето Црвена Звезда ќе игра со подобриот од серијата меѓу Партизан и Цедевита Олимпија која се уште не е започната и доцни поради обврските во ТОП-8 фазата на Евролигата на „црно-белите“.