Долговите мора да се платат, евролигаш доби забрана за трансфери

Францускиот кошаркарски клуб Асвел се соочи со сериозен проблем на трансфер-пазарот, откако му беше изречена забрана за ангажирање нови играчи поради неисплатени долгови кон Жофри Ловерњ.

Според информациите, Асвел му должи околу 300.000 евра на актуелниот кошаркар на Партизан. Станува збор за сума која се однесува на неисплатени плати од периодот кога францускиот центар настапуваше за клубот.

Ловерњ беше дел од Асвел од 2022 до 2025 година, а откако не ги добил договорените средства, случајот го пријавил пред Кошаркарскиот арбитражен трибунал (БАТ).

Одлуката значи дека Асвел нема да може да регистрира нови кошаркари сè додека не го подмири долгот кон 35-годишниот Ловерњ.

Искусниот центар во моментов е член на Партизан, каде што се врати по тригодишниот период поминат во Франција.