Докузовски: Играчите сега се за пофалба – секоја чест за борбата!

Актуелниот првак Работнички го доживеа вториот пораз во вториот меч од финалната серија со МЗТ Скопје, а по натпреварот, тренерот Марин Докузовски беше незадоволен од резултатот, но истовремено и задоволен од играта на својот тим.

Центарци влегоа во мечот десеткувани поради повредата на Мираковски, а ги снајде уште поголем пех затоа што се повреди Димитар Караџовски. Исклучен беше и Стајиќ поради пет лични, па МЗТ сето тоа го искористи и во последните десет минути ја зграби победата.

„За мене, како тренер ова беше различен од минатиот. Морам да ги пофалам играчите, тие изгинаа на терен. Јас сум тренер, тоа ми е работа, мора да ги карам кога играат лошо, мора да ги фалам кога се добри. Голем хендикеп за нас беа повредите, нормално беше да снемаме и сили. Му честитам на МЗТ на победата, имаат поголем ростер од нас. Да беше Караџовски во тимот можеби ќе имавме повеќе шанси да победиме, меѓутоа тој се повреди, останавме без Стајиќ поради пет лични и тука падна нашата игра. Уште пред да почне финалето, кажав дека МЗТ е фаворит со нас, меѓутоа Работнички како екипа мора да оди до крај. Јас затоа бев лут на претходниот меч затоа што не беше така. За денес немам забелешки. Јасно е дека МЗТ има десет играчи, има ротација и ќе биде уште потешко за нас. За мене важно е да излеземе на терен и да се бориме, а ако МЗТ е подобар, ќе му честитаме, тоа е дел од спортот“, изјави Докузовски.

Следниот меч од финалната серија кој би можел да го даде шампионот на Македонија се игра в четврток во СЦ „Јане Сандански“.