Докузовски: Дерби си е дерби, без разлика на ростерите шансите се изедначени!

Македонскиот кошаркарски првак Работнички е во исчекување на „вечното дерби“ со лутиот ривал МЗТ Скопје, вкупно 143. во историјата. Во салата „Градски парк“ се очекува пеколна атмосфера, а од таборот на центарци посакуваат триумф кој би бил 87 во меѓусебните пресметки и зацементирање на првото место на табелата во Првата лига. 

Дуелот го најави тренерот Марин Докузовски, кој истакна дека очекува нов супер-интересен меч и дека дербито само по себе ќе биде предизвик за Работнички да победи пред својата публика. 

„Дербијата се секогаш интересни и шансите се изедначени, без разлика кој играл и со каков ростер двата тима располагале. Секогаш е императив да се победи во пресметките. Дуелот со МЗТ ќе биде голем предизвик, хендикеп ќе биде само што нема да го имаме Кирил Николовски. И покрај се, мора да стиснеме заби, да се пронајдеме себеси и да одиме на победа“, изјави Докузовски.

Работнички по 14 одиграни кола во Првата лига има скор 13-1, додека МЗТ има еден пораз повеќе, односно има скор 13-2. Дуелот во „Градски парк“ се игра од 17:30 часот.