Докузовски: Да немавме толку многу пехови, финалето ќе траеше подолго

Марин Докузовски, стратегот на Работнички, по поразот во финалната серија од МЗТ Скопје беше реален и му честита на ривалот за освоената титула во мак-баскетот.

Шампионот кој сега е детронизиран имаше доста проблеми со ростерот, а го снајдоа и многу пехови со повреди. Докузовски смета дека ако сите играчи биле на број, финалната серија немало да заврши по само три средби.

„Би сакал да му честитам на МЗТ за титулата. Објективно беше поквалитетен тим од нас. Иако мислам дека ние поготово во поселдните два меча во кои бевме хендикепирани поради повреди, покажавме доста силен отпор. Ако имавме малку поголем ростер, немаше да загубиме со 0-3. Немам забелешки на натпреварот, игравме добро, но како и на минатиот натпревар снемавме сила. Не може со пет-шест играчи да се држи цел натпревар. Се на се кога ќе се земе, МЗТ заслужено ја освои титулата“, изјави популарниот „Доктор“.

Докузовски потоа се осврна и на наредната сезона, во која многу веројатно тој нема да биде тренер. Најави дека ќе се има разговори, ќе се сумира се што се случило, па ќе се носат одлуки.

„Мислам дека треба да видиме каде се грешело, каде било добро и што треба да се направи. Ќе следи една анализа, па ќе видиме што ќе правиме. Што се однесува до сезоната, освоивме Куп, игравме финале, може да се рече дека не е неуспешна сезоната, ако се земат пеховите, затоа што не игравме во своја сала, не регистриравме едно засилување од САД, треба да се задоволни. Но, јас како тренер на Работнички никогаш не сум задоволен кога нема да ја освоиме титулата“, заврши предводникот на центарци.

Работнички е најтрофеен колектив во Македонија и зад своето име има 15 титули, повеќе од сите клубови низ историјата - заедно.