• Редакција Gol.mk

Македонската кошарка полека се помрднува од точката на замрзнатост. На денешниот состанок на сите инволвирани страни во Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) договорено е да продолжат одредени првенства на Македонија, а проблемите да се решаваат во ек.
Натпреварите од Првата лига жени, Втората и Третата лига мажи и младинските лиги ќе продолжат на 23 април, но нема детална одлука за почетокот на машкиот плеј-оф во Првата лига. Сепак, постои оптимизам дека разигрувањето за титула ќе почне пред Велигденските празници.
Со нетрпение се чека утрешниот ден кога ќе се огласат судиите. Денес тие ја информираа јавноста за ссстанокот на кошаркарските работници.
„Денес се одржа состанок инициран од Здружението на второлигаши, заедно со останатите здруженија и со раководството на федерацијата. Во интерес на кошарката во Македонија, дадени се низа предлози од здруженијата до Судиската организација, кои ќе бидат предмет на одобрување од целото членоство, по што ќе бидете благовремено известени за исходот и за деталите.
Конечниот став од службените лица ќе биде соопштен во текот на утрешниот ден“, се вели во соопштението на Судиската комисија.
Делителите на правдата не добиле пари од почетокот на 2025 година, повеќе од три месеци.