ДОБАР СТАРТ: Македонија во „жешката“ Приштина му се одмазди на Косово!

Македонската кошаркарска репрезентација ја отвори втората претквалификациска фаза за ЕП 2021 со победа и на гостински терен во Приштина со 73-76 (29-34) славеше над домаќинот Косово.

Најдобрите на Давитков се одмаздија за ланскиот пораз во претквалификациите за СП 2019 и направија голем исчекор кон враќање во квалификациската фаза и најдобрите 32 селекции во Европа. Кога беше најпотребно одбраната играше на ниво, а во нападот функционираше и шутот за три, за прва победа во втората фаза. Одлични беа Трајковски и Хендрикс со „дабл-дабл“, а разлика направи и Дамјан Стојановски и неговите пет тројки.

Натпреварот во Приштина почна одлично за Македонија. Избраниците на Давитков влегоа во шутерски ритам уште на стартот и со 70% ефикасен шут за три изградија солидна разлика (6-19). Исто така добра беше и одбраната, но потоа следеа брзоплети грешки, кои Косово ги казни со серија од 10-1, по кој се врати неизвесноста по првиот квартал.

На стартот на вториот дел и двете селекции грешеа. За четири минути се постигнаа само шест поени, а и покрај лошиот шутерски ден на Војдан Стојановски, кој имаше реализација 1/9 од поле како и 0/2 од линијата за слободни, разликата се задржа до полувремето (29-34).

По паузата Косово се врати во мечот и се играше неизвесно до самиот финиш. По 34-34, домаќините дојдоа до првото водство од два поена (41-39), но Македонија се врати, дојде до 46-48, а потоа резултатот беше вистинска „клацкалица“ и и двете екипи константно го менуваа водството.

Повеќе од два поени разлика Македонија се одлепи на седум минути пред крајот, кога резултатот гласеше 54-57, благодарение на Соколов, а потоа во одбраната почнаа да царуваат Хендрикс и Трајковски, за Дамјан Стојановски да постигне две тројки во нападот и да донесе 57-64 за нашиот национален тим. Во последните три и пол минути, Македонија влезе со предност од шест поени (63-69), но Косово не се предаде, па на 24 секунди пред крајот се врати во мечот преку најдобриот кошаркар Дардан Бериша и имаше 71-73, а во инфаркт-завршницата поуспешна беше Македонија, со 73-76.

Најдобар поентер кај Македонија беше Бојан Трајковски со 17 поени и 11 скока, додека втор стрелец беше Дамјан Стојановски со пет тројки и вкупно 15 поени. Како трето име заврши Стојан Ѓуроски со 14 поени, а Ричард Хендрикс запиша 10 поени и 12 скока. Кај Косово, најмногу се истакна Дардан Бериша со 32 постигнати поени.

Наредниот меч од втората фаза на претквалификации, Македонија го игра в недела, кога во Скопје гостува вториот ривал Романија.