Дивац: Ако некој заслужува шампионски прстен, тоа е сигурно Јокиќ!

Поранешниот српски и југословенски кошаркар, Владе Дивац изјави дека е огромен фан на Никола Јокиќ и едвај чека неговиот сонародник да се закити со шампионскиот прстен во НБА-лигата. 

Дивац во својата кариера беше долгогодишен член на повеќе екипи во најсилната лига на светот и смета дека Јокиќ веќе има доволно искуство за најголемите достигнувања. 

„Не гледам причина зошто не би ја освоил титулата. Ако некој вистински заслужува, тоа е сигурно Јокиќ. Се наметна како еден од најдобрите во лигата, светот е запрепастен од секое негово издание на паркетот, а тој само дополнително ги фасцинира сите со неговите игри. Никола е „бисер“ на кошарката и заслужува да има шампионски прстен на раката“, изјави Дивац. 

Владе Дивац во својата кариера настапуваше за Партизан, Лос Анџелес Лејкерс, Сакраменто Кингс и Шарлот Хорнетс. Легендарниот кошаркар има само пофални зборови за Јокиќ и се надева на комплетирање на сезоната со триумф во НБА-лигата. 

Одличниот центар на Денвер Нагетс ќе има прилика да се бори за титулата во финалната серија против Мајами Хит. Јокиќ е вистински лидер на својот тим кој во финалето на западната конференција го исфрли тимот на Лос Анџелес Лекерс со „метла“ од 4-0.