Димитријевиќ: Верувам дека можеме до позитивен исход против Грузија

Ненад Димитријевиќ ќе биде во ростерот на Македонија, која вечерва ќе ја пречека Грузија во квалификациите за Мундобаскетот 2023.

Одличниот плејмејкер се надева дека ќе помогне националниот тим да ја запише првата победа и да остане со шанси за место во следната фаза квалификации.

„Претходните два-три дена правев третмани, се чувствувам многу подобро и подготвен сум да ѝ помогнам на репрезентацијата на натпреварот со Грузија.

Мислам дека ќе биде различен меч од оној во Тбилиси. Играме дома, еве и јас можам да помогнам и се надевам на тотално поинаков развој на настаните. Сите веруваме во подобар исход, а атмосферата во тимот е најважна во вакви ситуации.

Познато е дека Мек Фејден и Шермадини, неколку години играат на сериозно високо ниво во шпанската лига. И јасно е дека тие се најсилна страна на грузиската репрезентација. Затоа и ќе се обидеме да ги запреме колку е тоа возможно. Верувам дека можеме“, изјави Димитријевиќ.

Македонските кошаркари беа поразени нас досегашните три настапи во овој квалификациски циклус.