Димитријевиќ со двоцифрен скор во победата на Хувентуд над Билбао

Кошаркарите на Хувентуд продолжуваат со одличните игри во новата сезона на Ендеса лига, откако попладнево ја запишаа четвртата победа, втора во низа.

По стартните две победи, следуваше тежок пораз од Реал Мадрид, но клубот од Бадалона веднаш им се врати на успесите и по триумфот над Андора, денес без многу проблеми славеше на дербито со Билбао, со резултат 88-81.

Прашањето на победникот на овој меч беше решенo уште во првата четвртина, во која кошаркарите на Хувентуд одиграа моќна кошарка во двата правци и се изборија за позитива од 15 поени (33-18). 

Во втората и третата подобри беа гостинските кошаркари, но кога беше најпотребно Димитријевиќ и соиграчите беа на висината на задачата и на својата екипа и донесоа заслужена победа од 88-81.

Македонскиот репрезентативец повторно имаше одличен настап. Зад своето име запиша 10 поени и по две асистенции и скока и беше четврти стрелец за Хувентуд, во чии редови најпрецизен беше Вентура со 15 поени.