• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативен плејмејкер и член на руски Зенит, Ненад Димитријевиќ, отворено проговори за својата долгогодишна симпатија кон белградски Партизан, откривајќи дека, и покрај бројните медиумски шпекулации, реална можност за трансфер никогаш не постоела.
Во разговор за „Basketball Sphere“, 26-годишниот Македонец посочи дека по заминувањето од Валенсија видел идеален момент за преселба во белградскиот гигант, но конкретна понуда не добил.
„Имав желба да дојдам во Партизан, особено по заминувањето од Валенсија. Мислам дека тоа беше совршен момент, но никогаш не добив конкретна понуда. Точно е дека сакав да дојдам, но не ме повикаа“, изјави Димитријевиќ.
Тој се осврна и на заминувањето на Жељко Обрадовиќ, човекот кој остави неизбришлива трага во историјата на црно-белите и чиј одјек сè уште силно се чувствува во европската кошарка.
„Тажно е за Евролигата и за Партизан тоа што Жељко си замина. Мислам дека тој е најголемата легенда на клубот. Таму е поголем дури и од кошарката. За жал, не секој крај е среќен“, додаде македонскиот плејмејкер.
Интересно, Димитријевиќ откри дека негов најголем кошаркарски идол не е играч од Партизан, туку од најголемиот ривал — Црвена Звезда. Тоа е еден од најдобрите европски организатори на игра во поновата ера, Милош Теодосиќ.
„Теодосиќ е мојот омилен играч. Уживував да ја гледам неговата магија на паркетот. Драго ми е што и јас го имам тој талент понекогаш да возвратам со убаво додавање, како што тој правеше“, истакна Димитријевиќ.
Ненад Димитријевиќ моментално е член на Зенит во ВТБ-лигата, а искрено се надева дека од следната сезона руските екипи ќе добијат шанса да се вратат во Евролигата, затоа што, како што вели тој, тие го заслужуваат тоа.











