Димитријевиќ прв стрелец, Македонија падна по голема борба пред Грузија

Кошаркарската репрезентација на Македонија останува без победа во квалификациите за Светското првенство (СП) кое се игра во 2023 година. Нашиот национален тим со бројни промени и без селекторот Драган Бајиќ (позитивен на ковид-19) потклекна пред Грузија (65-79), вторпат во овој ФИБА-прозорец.

Подмладената селекција не се посрамоти. Се бореше до крајот и беше рамноправна со искусниот ривал во чии редови блескаа ѕвездите со европско искуство Гиорги Шермандини и Тадеус Мекфејден. Ова беше втора победа за Грузијците над Македонија, по онаа во Тбилиси во претходната рунда. Вкупно, Македонија го почувствува четвртиот пораз во четвртата средба. Следниот меч според календарот е во месец јули на гости во Шпанија.

Нашиот национален тим одлично го отвори натпреварот и обезбеди водство од 6-2. Потоа, следеше одлична игра на Ненад Димитријевиќ кој ја држеше нашата репрезентација во игра со противникот и со неколку поени во серија, меѓу нив и една тројка, како и асистенции, па така „црвено-жолтите“ на оваа средба на две минути пред крајот на првиот квартал имаа 17-14 против фаворитот на хартија. Главна опасност кај Грузијците во првиот квартал кој Македонија го доби со 21-18 беа Шермандини и Мекфејден. Двајцата најдобри во тимот на противникот прикажаа солидна кошарка, доказ за тоа е дека само тие поентираа во последните пет минути од првата четвртина. Македонија имаше контрола на играта и водеше се до 15. минута, кога од 31-28, противникот влезе во шутерска серија и со 13 поени во низа обезбеди висока залиха пред паузата (31-41). Многуте грешки во нападите пресудија Македонија да замине на пауза со осум поени дефицит (35-43) и да биде во улога потоа цело време да брка.

Ненад Димитријевиќ во првиот дел даде скоро 50% од поените на Македонија, вкупно 16. По паузата, избраниците на Александар Јончевски ја преполовија негативата преку Војдан Стојановски и Ненад Димитријевиќ, добар под обрачите беше Џејкоб Вајли (49-54), а потоа, на две и пол минути пред крајот на периодот се дојде и на „минус два“ кога Вајли поентира под фаул и го погоди додатното слободно (52-54). Имаше Македонија потоа солидна одбрана и напад за водство, ама Виктор Ефремовски ја промаши тројката. Иако имавме неколку наврати за фаќање комплетен приклучок, не се успеа во тоа, па Грузија третиот квартал го заврши со предност од 52-58 поради тројка на Мекфејден.

Во последните десет минути, Грузијците повторно го вратија двоцифреното водство (57-67) и имаа комотна позиција на шест и пол минути пред финишот на средбата во СЦ „Борис Трајковски“. Потоа во елемент влезе Војдан Стојановски кој со тројка и една двојка под фаул и погодено слободно фрлање, намали на 63-69 на 4:30 минути пред крајот. па потоа по грешка на ривалот Димитријевиќ погоди за 65-69. Проблем беше што Робев поради пет лични предвреме ја заврши средбата, плус и техничката која ја доби Димитријевиќ, па Грузијците со серија од 0-10 го затворија мечот.

Најдобар кај Македонија беше Ненад Димитријевиќ кој финишира со 25 постигнати поени, пред Војдан Стојановски кој реализира 13 поени, додека Бојан Крстевски постигна 11 поени. Кај Грузијците очекувано блескаа Мекфејден со 24 и Шермандини со 13 поени и осум скока.