• Мартин Танасковски

Ненад Димитријевиќ повторно му се стави на располагање на селекторот Александар Јончевски и ќе биде адут на Македонија во нападот на две победи над Естонија и Полска, кои може да ни донесат пласман на Евробаскетот.
Плејмејкерот кој несреќно се повреди на последниот меч за националниот тим, повторно ќе конкурира за настап по настапите за Олимпија Милано во лигата, Купот на Италија и во Евролигата.
„Па да како што кажав, Естонија се незгодна екипа. И минатите квалификации имавме проблеми со нив, но мислам дека имаме доста квалитети, во некој налет да направиме успех и да направиме изненадување на нивниот терен. Мислам дека сме подготвени и едвај чекам да дојде денот на натпреварот. Мислам дека двајцата (со Ти Џеј Шортс) сме добри играчи и дека може за два три дена да се навикнеме еден на друг и да направиме да функционира оваа врска за успех на репрезентацијата, што е најважно. Мислам дека до натпреварот со Естонија ќе бидеме подготвени. Прво мислам дека треба да бидеме пофизички. Кошарката оди во тој правец, Естонија покажа дека е доста физичка екипа, што сака да трча и имаат играчи на секоја позиција, дури и евролигашки играчи. Треба да бидеме подготвени за нивната енергија и нивната физикалност и да одговориме на тоа. Мислам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помисла дека треба да победиме, не да чекаме што ќе се случи. Tреба да излеземе од прва минуста за победа.“, изјави Димитријевиќ.
Нено во последниот настап за Македонија постигна 43 поени и за влакно не постави рекорд во дресот со државниот грб. Македонија патува во Естонија, таму ќе игра меч на 21 февруари, а три дена подоцна во „Кале“ гостува Полска.