• Горан Упале
Кошаркарите на Баерн Минхен запишаа важна победа над Алба Берлин со 85-79 во рамки на 31. коло од германското првенство, а солиден придонес имаше и македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ.
Домашниот тим подобро го отвори натпреварот и на паузата замина со предност од 42-37. Сепак, Алба реагираше силно по одморот и со серија поени на стартот од третата четвртина направи пресврт, поведувајќи со 48-44.
Берлинци ја контролираа играта во најголемиот дел од третата делница, но Баерн во решавачкиот период го крена нивото на игра, влезе во посакуваниот ритам и во последната четвртина го скрши отпорот на противникот за конечни 85-79.
Најефикасен кај победникот беше Обст со 18 поени, додека Димитријевиќ мечот го заврши со девет поени, на кои додаде шест скока и пет асистенции.

