• Горан Упале
Кошаркарите на Олимпија Милано пропуштија голема шанса да ја запишат третата победа во низа во Евролигата. По славјето против Болоња, а потоа и против Реал Мадрид, „манекените“ имаа водство до самиот крај против Алба Берлин, но во финишот германскиот тим прво се избори за продолжение, а потоа во дополнителните пет минути извојува победа од 105-101 (92-92).
Македонскиот репрезентативен плејмејкер, Ненад Димитријевиќ повторно блесна на евролигашкиот паркет и ја одигра една од најдобрите партии откако пристигна во Милано. Вечерва, популарниот Нено имаше солидна минутажа, нешто повеќе од 31 минута, и пак беше меѓу најдобрите во својот тим. Натпреварот го заврши со 14 поени, пет асистенции и еден скок.
Најпрецизен кај Милано беше ЛеДеј со 22 поени, а одличен учинок имаше и Никола Миротиќ со 22 поени и осум скока. На спротивната страна, прво име беше Прицида со 29 поени, а 23 имаше Вилијамс.
Значајни победи забележаа и двете грчки екипи. Олимпијакос пред својата публика со минимални 94-92 го совлада Асвел, додека Панатинаикос беше поуспешен од Макаби со 93-87.