• Горан Упале
Македонскиот кошаркар и член на Баерн Минхен, Ненад Димитријевиќ, во пресрет на натпреварот од 30. коло од Евролигата против Црвена Звезда во Белград објасни како изгледало неговото доаѓање од Зенит во тимот на Светислав Пешиќ.
„Бев на краток божиќен одмор од Зенит, во Дубаи, кога Мишко Ражнатовиќ ми се јави и ми рече дека има опција за Баерн. Кога се вратив во Санкт Петербург, ми се јави Кари Пешиќ. Разговаравме доста долго и веднаш почувствував дека тоа е нешто што ми треба во кариерата“, објасни Димитријевиќ.
28-годишниот репрезентативец на Македонија, кој пред да замине за Русија играше за Олимпија Милано, не се надеваше дека ќе се врати во Евролигата на средина од сезоната.
„Веќе планирав да се вратам во Евролигата на лето и да добијам нова шанса по тешката сезона пред тоа. На крајот, сè испадна како што требаше и за мене е голема чест да бидам тука. Одличен клуб, одличен тренер и вистински предизвик“, додаде Димитријевиќ.
Македонскиот плејмејкер појасни дека немало сигнали од Хумска, иако во неколку наврати ја изразил својата желба да го носи црно-белиот дрес на Партизан, а Ражнатовиќ исто така рече дека има планови да го спои него и Јама Мадар во задната линија.
„Можеби првата година откако ја напуштив Валенсија, бев поемотивен во врска со тоа. Кога бев дете, го сакав Партизан и мислев дека би било убаво да го почувствувам и тој дел. Но, потоа ништо не се случи. После тоа, приказната некако замре и никогаш не пристигна конкретна понуда“, кажа Димитријевиќ.
Нашиот ас и Баерн Минхен вечерва од 20:00 часот ќе го почувствуваат пеколот во белградската „Арена“ и ќе ги одмерат силите со Црвена Звезда.




