• Мартин Танасковски
Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ се подготвува за првиот настап во Евролигата. Плејмејкерот како нов член на Олимпија Милано ги одработува последните подготовки и активности пред новата сезона.
Во интервју за клупската интернет-страница, Димитријевиќ говореше за себе, за својот живот, минатото и иднината која следи. Прво почна со семејството, за кое кажа дека му е кошаркарско и дека знаел уште од мал дека ќе биде професионален кошаркар.
„Татко ми е тренер, кошарка играше мајка ми, играше сестра ми, моите чичковци исто. Сите ние практично се занимаваме со кошарка. Ние сме семејство на кошаркари. Тоа беше многу лесен избор за мене, љубов на прв поглед. Сфатив дека ќе станам играч кога имав три или четири години. Се сеќавам на првиот тренинг со тим. Мислам дека имав пет години. Бев мало дете. На камп во Златибор, во Србија, мислам дека ги освоив сите индивидуални трофеи. Бев предвремен талент“, започна Димитријевиќ.
Уште како дете тој замина од Македонија, а кариерата тргна да ја гради преку Шпанија каде работеше во младинските категории на Хувентуд. Како дошло до трансфер?
„Бев со македонската репрезентација на турнир до 14 години. Хувентуд таму имаше свои тренери, и затоа што самата Шпанија играше во тоа натпреварување. Неколку нивни тренери ме контактираа и следната година ме поканија да одиграм турнир со нивната селекција. Отидов, играв добро, а тие ме прашаа дали сакам да одам кај нив. Следната година се преселив. Никакви сомнежи никогаш ме опкружуваа. Би го направил тоа уште сто пати. Имам само одлични спомени од Бадалона“, продолжи Македонецот.
Најдобрата кошарка досега ја прикажа во Уникс Казањ, со кого ја освои ВТБ-лигата, но има и престижна индивидуална титула - МВП.
„Од првиот момент кога дојдов во Казањ, сфатив дека тоа ќе биде одлична можност, од кошаркарски аспект, во мојата кариера. Тренерот Перасовиќ ми даде шанса да бидам стартен плејмејкер, да бидам лидер на тимот. Ја искористив можноста. Мислам дека резултатите беа важни за мене и за тимот бидејќи ја освоивме титулата за прв пат во историјата на Уникс. Тие се многу горди на она што го направивме, создадовме посебни спомени за сите, изградив врски кои никогаш нема да завршат. Тоа беа незаборавни две години“, се сеќава кошаркарот.
Кој е омилениот кошаркар на Ненад Димитријевиќ? Тоа е српскиот плејмејкер Милош Теодосиќ.
„Всушност, отсекогаш сум ги проучувал плејмејкерите. Василис Спанулис е еден, Никос Зисис е друг, но ако треба да го именувам мојот омилен играч би рекол Милош Теодосиќ. Му се восхитувам и на Чачо, има многу силни плејмејкери, но Теодосиќ отсекогаш ми бил омилен. На теренот, исто така, се обидувам да создадам поволни ситуации за себе и за моите соиграчи. Без разлика на ситуацијата, мојот најдобар квалитет е да можам да го најдам најдоброто решение за да му помогнам на тимот. Сакам да бидам лидер. Ова е мојата најистакната карактеристика“, открива Нено.
Предизвици Димитријевиќ ќе има и со репрезентацијата на Македонија со која е во борба за место на Европското првенство следната година.
Да се игра за репрезентацијата е посебно чувство. Се чувствувате како да ја браните својата земја, својот народ. Да бидам лидер на репрезентацијата, да ја чувствувам таа одговорност, е нешто што навистина го сакам, тоа е позиција која отсекогаш сум се трудел да ја заземам. А сега желбата ни е да се пласираме на ЕП следното лето“, заврши Димитријевиќ.
Македонецот пред да пристигне во Олимпија Милано последните две сезони ги мина во руски Уникс Казан каде се афирмира како лидер, а претходно настапуваше за шпанските Хувентуд и Валенсија. Со италијанскиот клуб, Димитријевиќ потпиша договор до 2026 година.