Димитријевиќ лидер во тесната победа на Милано во италијанскиот шампионат

Екипата на Олимпија Милано забележа тесна победа во 19. коло од италијанската Серија А, откако на гости кај Сасари славеше со 72-78.

Миланезите со многу осцилации одиграа доволно за нов триумф во националниот шампионат. Сасари се закани со краткотраен пресврт во четвртата четвртина, но италијанскиот евролигаш повторно го зголеми темпото и рутински победи.

Победничкиот тим рамномерно го распредели поентерскиот учинок, a најдобар на паркетот беше Ненад Димитријевиќ.

Македонскиот репрезентативец забележа 15 поени, 9 скока и 2 асистенции, а Леандро Болмаро и Зек Ледеј постигнаа по 14 поени. За Сасари Миралем Халиловиќ запиша 9 поени, 4 скока и 1 асистенција.