Димитријевиќ и Вајли се новите лидери на кошаркарска Македонија

Кошаркарската репрезентација на Македонија ги заврши настапите во квалификацискиот циклус за Европското првенство (ЕП). Нашиот национален тим не обезбеди кам-бек на големата сцена, а пресуди високиот пораз од Естонија во Скопје.

Селекторот Александар Тодоров и неговите избраници ги победија Италија и Естонија во Перм, но тоа беше недоволно. А, како изгледаше тимот статистички на сите шест средби кои се одиграа во 2020 и 2021 година?

Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Бојан Крстевски и Стојан Ѓуроски се имињата кои настапија на сите шест средби. Најмногу минути, 31,5 по натпревар во просек, одигра капитенот Војдан.

Најдобар стрелец на Македонија во овие квалификации беше Ненад Димитријевиќ. Младиот играч кој се наметнува како нов лидер имаше 18,4 поени во просек по натпревар и е прв наш стрелец во циклусот. 

Втор стрелец беше новиот натурализиран играч Џејкоб Вајли со 16 поени по натпревар, со извонредни 75% реализација во поените за два (27/36). Исто така, Вајли е и најдобар скокач, со 7,5 скока по меч, има и најмногу блокади - 2,3 по натпревар, како и украдени топки - 1,3 по натпревар.

Ненад Димитријевиќ заврши и како најдобар асистент со 5,6 асистенции по натпревар. Во шутот за три доминираше Бојан Трајковски со успешност од 42,1% (8/19).

Следен предизвик за Македонија ќе бидат претквалификациите за Светското првенство во 2023 година. Нашиот национален тим ќе тргне од втората фаза.