Димитријевиќ одигра најдобар натпревар во Евролигата, но недоволно за победа на Милано

Ненад Димитријевиќ и Олимпија Милано забележаа уште еден тесен пораз во новата сезона во Евролигата, откако на гостувањето кај Басконија загубија со минимални 88-83.

Македонскиот репрезентативец го одигра најдобриот натпревар оваа сезона во европската елита, а истиот доаѓа по лошото издание на средбата со Ефес и бројните критики кои ги доби на своја сметка. 

Споменатиот натпревар со турскиот тим брзо беше заборавен и популарниот „Нено“ се покажа во вистинско светло и беше еден од најдобрите поединци во миланскиот тим. Сепак, ниту тоа не беше доволно за победа на „манекените“, бидејќи кога се кршеше резултатот посмирени беа домашните кошаркари и ја запишаа четвртата победа во досегашниот дел од сезоната.

Димитријевиќ натпреварот го заврши со 15 поени, две асистенции и два скока, скор кој што е најдобар за него во Евролигата. Прв поентер за Милано беше Миротиќ со 21, додека за победничкиот тим се истакна Форест со 22 поени.