• Мартин Танасковски
Се чини дека соработката помеѓу Ненад Димитријевиќ и миланска Олимпија Армани е пред крај. Македонскиот интернационалец, кој летово пристигна со големи очекувања, е се пооддалечен од првиот тим – и тоа не без причина.
Димитријевиќ не беше во составот за последниот натпревар од Евролигата против Басконија, а неговото место го зазеде Ахил Лонати. Тренерот Еторе Месина истакна дека не се работи за повреда, туку за тактичка одлука.
Сепак, во италијанските медиуми веќе извесно време кружат информации за затегнати односи меѓу искусниот тренер и поранешниот плејмејкер на Уникс и Валенсија, а сега се чини дека ситуацијата ескалирала. Според локалните медиуми, односите се заладени од почетокот на сезоната, а моменталната ситуација изгледа неповратна.
Димитријевиќ дојде во Милано како МВП во ВТБ-лигата и најдобар играч на Уникс Казан, но во италијанскиот клуб никогаш не доби вистинска шанса да ги покаже своите способности.