Димитријевиќ двоцифрен, Баерн ја „тресна“ Ц. Звезда среде Белград

Екипата на Баерн Минхен извојува голема победа во Евролигата, откако од гостувањето во Белград се враќа славенички – совладувајќи го тимот на Црвена Звезда со 80-85. 

Германскиот тим ја преживеа пеколната атмосфера во „Арена“, а меѓу најдобрите поединци во тимот на Светислав Пешиќ беше нашиот ас Ненад Димитријевиќ. Популарниот Нено имаше важна улога во ова славје на Баварците, постигнувајќи единаесет поени со по четири скока и асистенции. Прв стрелец кај Баерн беше Обст со 16 поени. За Црвена Звезда се истакна Монаке со 22 поени, а по десет имаа Батлер и Нвора.

На првиот натпревар одигран во денешната програма од Евролигата, Асвел извојува изненадувачки триумф на гостувањето кај Анадолу Ефес. Францускиот тим во драматична завршница славеше над некогашниот шампион со 88-91 и го забележа само осмиот овосезонски триумф во елитата.

Ангола со 26 поени и четири скока беше убедливо најпрецизниот кошаркар кај победничкиот тим, додека за домашниот тим прв поентер беше Хазер со 20 поени.