Димитријевиќ двоцифрен, Арис остана максимален во Еврокупот

Ненад Димитријевиќ одигра важна улога во третата победа на Арис во Еврокупот, откако грчкиот тим ја оправда фаворитската улога и славеше над Тортoна со убедливи 88-68.

Домаќините одлично го отворија натпреварот и со 31-21 ја добија првата четвртина, но Тортoна не се предаде и успеа да ја врати неизвесноста пред паузата. Гостите се доближија на само еден поен негатива (45-44), најавувајќи поинтересно продолжение. Сепак, Арис повторно ја презеде контролата над играта во вториот дел. Димитријевиќ и соиграчите ја засилија одбраната, го ограничија противникот во нападот и постепено ја зголемуваа предноста за убедлив триумф.

Македонскиот репрезентативец го заврши мечот со 15 поени, четири скока и четири асистенции. Најефикасен во победничкиот состав беше Мет Морган со 23 поени, четири скока и три асистенции.

По три кола, Арис е на врвот на групата А со максимален учинок од три победи, додека Хапоел има два триумфи.