Димитријевиќ даде 16 поени и како МВП го освои првиот трофеј со Милано!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ненад Димитријевиќ успеа да триумфира во Суперкупот на Италија со Олимпија Милано и го освои првиот трофеј како „манекен“ по трансферот од Уникс.

Плејмејкерот имаше нова одлична ноќ, по онаа полуфиналната, и блескаше во победата над еден од најголемите ривали во шампионатот Виртус Болоња (98-96 по продолженија), со вкупно 16 постигнати поени, пет асистенции и шест скока.

За Ненад Димитријевиќ ова беше прв трофеј како играч на Олимпија Милано, клуб со кој ќе настапува и во кошаркарската Евролига. Дополнително на тежина добива што македонскиот кошаркар беше прогласен и за најкорисен кошаркар на финалето (МВП).