Димитријевиќ блесна во Истанбул, Олимпија Милано го среди Фенербахче

Кошаркарите на Олимпија Милано извојуваа уште едно големо славје во Евролигата, затоа што од гостувањето кај Фенербахче во Истанбул во рамките од 12. коло од кошаркарската елита на стариот континент, се враќаат со победа од 85-91.

Со тоа италијанскиот тим го забележа третиот последователен триумф и со учинок од 6-6 се наоѓа на средината на табелата. На спротивната страна, пак, Фенербахче ја прекина серијата од шест победи и сега со скор 9-3 го дели првото место со Париз.

Гостите од Милано ги предводеше Никола Миротиќ со 29 поени и девет скока, а нова одлична партија во дресот на „манекените“ забележа македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Македонецот, и покрај тоа што се повреди на средбата со Литванија пред неколку дена, собра сили и вечерва беше меѓу најдобрите поединци во својот тим. Нено натпреварот го заврши со 15 поени (трет стрелец), два скока и четири асистенции, за нешто помалку од 19 минути игра.

Во таборот на Фенербахче се истакна Болдвин со 19 поени, три помалку имаше Загарс, а Биберовиќ натпреварот го заврши со 15 постигнати поени.