Десетта победа во низа: МЗТ продолжи да го тероризира ТФТ во Аеродром

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје продолжи да игра во одлична форма кога се работи за домашните натпревари против ТФТ Скопје и славеше со резултат 74-68 во рамки на 20-тата рунда од Првата лига.

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и ТФТ Скопје:

Аеродромци не знаат да загубат од овој ривал пред својата публика, па така беше и овој пат. Вкупно десетти меч по ред, МЗТ дојде до победа над ТФТ во Аеродром, со што останува на врвот на табелата во македонскиот шампионат, а ТФТ го чека борба за останатите позиции на табелата пред плеј-офот.

Уште од стартот на мечот МЗТ наметна свое темпо и се одлепи на 20-11 по првиот квартал. Гостите од Тафталиџе константно бркаа, но во еден момент беа и во минус од 14 поени (30-16). На полувреме резултатот гласеше 37-29 за „штрковите“, а во продолжението најблизу што ТФТ дојде до МЗТ беше четири поени, но не и помалку, па не беше закана дека може да победи за првпат во „Јане Сандански“.

Едвин имаше одличен меч за МЗТ со 23 поени, 12 скока и четири асистенции, пред Војдан Стојановски со 12 поени и Андреј Маслинко со 11 поени и девет скока. Кај ТФТ, Зафиров даде 15 поени, а Говенс имаше 13 поени.