Десеткуваниот ТФТ до убедлив пораз на гости кај Балкан за крај во БИБЛ

Македонскиот претставник во БИБЛ-лигата, екипата на ТФТ, доживеа висок пораз на гостувањето кај Балкан во Ботевград (104-53), за крај на втората фаза во регионалното кошаркарско натпреварување.

Тафталиџани немаа шанси да минат понатаму, па тренерот Боро Смилковски на гостувањето отпатува со комбиниран состав. Меѓу повиканите играчи ги немаше најдобрите и не настапија Американците Амир Смит и Ландриус Хортон, како и Александар Костоски.

Дека Балкан ќе оди на триумф на овој натпревар беше јасно уште по првиот квартал, кога ТФТ имаше висока негатива од 26 поени (36-10). Домашниот тим како што одминуваше мечот, така беше понемилосрден, за во финишот разликата да биде преку 50 поени.

Најдобар кај бугарскиот тим беше Дивон Вашингтон со 19 поени, пред Димитар Димитров со 15 поени. Кај ТФТ најефикасен беше Страхил Николов со 17 поени, а втор со двоцифрен учинок беше Виктор Ташовски со 11 поени, пред Иван Сапунџиев со осум поени.

ТФТ ги загуби сите четири средби во втората фаза на БИБЛ. Покрај двата порази од Балкан, македонскиот претставник загуби двапати и од израелски Макаби Хаифа.