Дербито за врвот за Олимпијакос, Партизан гледа кон ТОП-8, шок за Реал

Екипата на Олимпијакос на домашен терен ја победи Барселона (77-70) и е на првата позиција на табелата во кошаркарската Евролига по 27 одиграни натпревари.

Каталонците во Пиреја го доживеаја деветтиот пораз и така на грчкиот тим му дозволија да скокне на врвот со една победа повеќе. Беше неизвесно до средината на четвртата четвртина кога Олимпијакос зеде замав и се одлепи на „плус десет“ (75-65).

Американецот Мекисик беше најдобар кај Олимпијакос со 16 поени, пред Ларенцакис со 14 поени, додека најдобриот играч Везенков имаше 13 поени со седум скока. Кај Барса се истакна Миротиќ со 19 поени и го следеше Лапровитола со 15 поени.

Партизан Mozzart Bet гледа кон ТОП-8 фазата затоа што забележа важна победа кај Виртус Болоња (79-86). Тимот на Жељко Обрадовиќ продолжи да игра блескаво на гостувањата и со важните бодови на „чизмата“ сериозно е во игра за разигрувањето. Пантер со 17 и Нанели со 16 беа најдобри стрелци кај победникот. Егзум имаше 15 поени, седум скока и седум асистенции.

Жалгирис успеа да направи „брејк“ на гостувањето кај Алба во Берлин (63-66). Тејлор со 14 и Уланова со 10 поени беа најдобри кај победникот, а кај бундеслигашот Ло и Сикма имаа по десет постигнати поени.

Олимпија Милано славеше на гостувањето кај Валенсија (84-88) и ја забележа петтата победа во серија во Евролигата. Фантастичен меч имаше Напиер со 28 поени кај „манекените“, него не успеаја да го неутрализираат Џонс со 19 и Пуерто со 15 поени.

Реал Мадрид имаше предност од три поени во самиот финиш, но шокантно загуби од Басконија (81-85) во шпанското дерби. Не помогна добрата партија на Муса со 21 поен, евидентно беше отсутвото на Таварес, а кај Басконија, Костељо и Томпсон имаа 20 и 18 поени.