ВИДЕО: Дербито во Мадрид за „кралевите“, Фенер конечно победи на гости

Екипата на Фенербахче конечно заигра онака како што ѝ доликува и на гостински терен кај АВСЕЛ запиша убедлива победа (72-88) во рамки на Евролигата.

Тимот на Жељко Обрадовиќ играше доста промениливо и е далеку од формата којашто ја имаше во изминатите години. Турскиот тим се наоѓаше во долниот дел на табелата, но по победата во Франција, прва оваа сезона на гости, поради доминацијата во сите четири периода, се направи мал чекор напред кон пребродување на кризата.

Прво име кај Фенербахче беше Штимац со 21 поен, а Вилијамс заврши со 17 поени, додека кај АВСЕЛ, Жан-Чарлс Ливио постигна 15 поени.

Баерн Минхен, пак, на домашен терен убедливо загуби од Панатинаикос (75-87). Најдобар кај гостите беше Дешон Томас со 14 поени, а Тајрис Рајс реализира 13 поени, а кај „баварците“ одлична партија имаше Пол Зипсер со 23 поени, но залудно.

Басконија пред својата публика дојде до полн плен со Зенит (70-60). Шенгелија беше лидер со 20 поени, а Џенинг имаше 11 поени, додека кај рускиот претставник Густаво Ајон беше единствена светла точка со 18 поени.

Во дербито на колото, Реал Мадрид ја забележа петтата евролигашка победа по ред и на колена ја фрли руска ЦСКА Москва (97-81). Габриел Дек со „дабл-дабл“ од 17 поени и 11 дефанзивни скока беше прво име кај Реал, а го следеше Љуљ со 15 поени, додека кај првакот Воитман даде 20 поени, а Џејмс имаше 14 поени.