Дербито викендов е во Аеродром, „баделки“ гостуваат кај МЗТ Скопје

Второто коло од Првата женска кошаркарска лига треба да донесе потврда на успешните игри на онаа „половина“ од екипите во А групата. Тоа се однесува за Баскет кам, Вардар и Крива Паланка, секако и МЗТ Скопје, макар што „аеродромки“ до првите бодови дојдоа по службен пат.

Во вториот круг од натпреварите, МЗТ Скопје за противник ја има екипата на Бадел 1862 во дуел на две екипи кои своите натпревари ги играта „под ист кров“, во салата „Независна Македонија“, а во кој предноста ја имаа „гостинките“ најмногу поради фактот дека донесоа неколку проверени кошаркарки, и доста поискусни во однос на тимот кој го предводи тренерот Горан Крстевски.

Успехот на гостувањето во Делчево, екипата на Крива Паланка ќе го „потврдува“ пред своите верни симпатизери во салата „Бранители 2001“ во натпреварот против екипата на Пробаскет, кој се игра во недела од 17:30 часот.

Половина час подоцна, во Куманово, својот натпревар ќе го одиграат екипите на Куманово-Гризли и Вардар, додека поради отсуство на некои од кошаркарките на Баскет кам, дуелот со Патриот 2016, актуелниот првак ќе го одигра на 23 октомври од 15:00 часот, пред својата публика во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.