ВИДЕО: Денвер одново со негатива 1-3, Лејкерси на чекор од НБА финалето

ЛА Лејкерс

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс не дозволија нов пораз и поведоа со 3-1 во финалната серија на Западот против Денвер Нагетс (114-108).

Ова ќе биде трета серија во низа во која екипата од Колорадо ќе мора да анулира ваква предност. На претходните две се врати од „мртвите“ и на патот до финалето ги елиминира Јута Џез и Лос Анџелес Клиперс.

  • Извештај од натпреварот:

За разлика од вториот натпревар, „езерџиите“ беа посигурни во контролата на топката и избегнаа голем број неизнудени грешки. Тоа им овозможи да одржуваат предност во речиси сите 48 минути. На моменти Денвер се враќаше во игра и го правеше мечот интересен, но на крај пресудија слободните фрлања, кои беа на страна на Лејкерси.

Леброн Џејмс ја презеде одговорноста во завршницата и одигра солидна одбрана во дуелот со Џамал Мареј. Агресивноста на Ентони Дејвис во нападот беше клучот за оваа победа на тимот предводен од Френк Вогел. Тивката ноќ на Никола Јокиќ исто така придонесе Нагетси да бидат во голема негатива и да се на работ од елиминација во овогодишниот плеј-оф.

Мечот започна супер-ефикасно, а Лос Анџелес Лејкерс тргна со предност и не погледна назад. Во следните два квартали минимално загуби, но на крај ги доби последните 12 минути со 27-24, што беше доволно за конечна победа која ја носи екипата на чекор од големото НБА финале.

Дејвис со 34 поени беше најефикасен на теренот пред Мареј со 32. Леброн постигна 26 поени проследени со девет скока и осум асистенции. Следниот натпревар се игра задутре и можеби ќе биде последен во серијата од која сите очекуваат да биде новиот шампион во најсилната лига на светот.