Денвер Нагетс му донесе нов асистент на Никола Јокиќ

Денвер Нагетс продолжуваат со засилувањата за новата сезона и официјално го ангажираа канадскиот бек Рајан Нембхард, кој ќе има статус на играч со двонасочен договор. Истовремено, франшизата од Колорадо го стави на листата за отпуштање досегашниот играч со ваков договор, Џеј Симпсон.

Нембхард има 23 години и е висок 180 сантиметри. Минатата сезона ја мина во Далас, каде што како дебитант во НБА настапи на 60 натпревари, од кои 27 како стартер. Во просек бележеше 6,6 поени, 2,2 скока и 5,3 асистенции за 19,5 минути на паркетот.

Особено се истакна на два натпревари. Против Денвер го постигна рекордот на кариерата со 28 поени и 10 асистенции, додека во април против Чикаго забележа дури 23 асистенции. Со тоа стана само 24-тиот кошаркар во историјата на НБА кој остварил најмалку 23 асистенции на еден натпревар.

Канаѓанецот не беше избран на НБА драфтот во 2025 година. Пред професионалната кариера настапуваше четири сезони во колеџ-кошарката, првите две за Крејтон, а потоа две години за универзитетот Гонзага.

Покрај Нембхард, Денвер Нагетс ова лето ги доведоа и Алфа Дијало, Лони Вокер, Демар Дерозан, Тревон Бразил, Кем Витмор и Џулијан Рис, со што сериозно го засилија ростерот во пресрет на новата НБА сезона.