• Саше Љолес
На 14 септември 2011 година се случи еден од најсветлите моменти во историјата на македонската кошарка. Нашата репрезентација учествуваше на епското Европско првенство во Литванија и во четвртфиналето ја совлада токму земјата-домаќин со резултат 67-65.
На овој начин Македонија за првпат во историјата обезбеди пласман во полуфинале, каде потоа бевме поразени од (пре)силната Шпанија со 92-80, иако на полувремето водевме со 45-44. Никој никогаш нема да ја заборави генерацијата предводена од американскиот плејмејкер, Лестер Бо Мекејлеб, а со него во тимот беа одлични поединци како Тодор Гечевски, Перо Антиќ (капитен), близнаците Војдан и Дамјан Стојановски, Владо Илиевски, Предраг Самарџиски, Ѓорѓи Чековски и сите останати момчиња на селекторот Марин Докузовски.
- Инсерти од натпреварот Литванија - Македонија 65-67
Мекејлеб можеби беше поентерскиот лидер, но сите останати дадоа огромен придонес и „изгинаа“ на терените, за да го постават најголемиот успех во нашата кошарка. Бевме многу близу до бронзен медал, но во „малото финале“ несреќно загубивме од Русија со 68-72, иако на триесетина секунди до крајот бевме во игра за егал-ситуација и продолжение од пет минути.
- Целиот натпревар помеѓу Литванија и Македонија:
И после цели дванаесет години, секој Македонец и љубител на кошарката, се ежи од помислата за тоа Европско првенство. Македонија живееше и дишеше со репрезентативците кои после премиерниот пораз од Црна Гора, направија серија од пет чисти победи на континенталниот собир. За жал, ѕвездениот тим на Шпанија го урна сонот за пласман во финалето, со кој ќе обезбедевме и директен пласман на лондонските Олимписки игри во 2012 година.