ВИДЕО: Дејвис и Леброн го срушија Вашингтон, Јокиќ клучен во победата над Мајами!

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс по продолжение го совладаа Вашингтон со 134-131, во еден од највозбудливите натпревари нoќва во НБА лигата. Така, Лејкерси им го нанесоа тринаесеттиот последователен пораз на Визардси, додека тимот од „градот на ангелите“ го забележа 33. сезонски триумф.

„Езерџиите“ ги предводеше Ентони Дејвис со неверојатни 40 поени,15 скока и три асистенции. Исто така, на висината на задачата беше и Леброн Џејмс со 31 поен и девет асистенции. На ѕвездата на Лејкерси сега ѝ недостасуваат девет поени за да стане првиот играч во историјата на НБА лигата со 40.000 поени, а Џејмс ќе има можност да го постигне тоа на претстојниот натпревар против Денвер. Во тимот на Вашингтон најефикасен беше Џордан Пул со 34, а Марвин Багли постигна 23 поени.

Кошаркарите на Голден Стејт беа поуспешни од Њујорк со 110-99 и ја впишаа седмата последователна победа на гостински терен. Вориорси го забележаа 31. триумф сезонава, додека Никси го впишаа 25. пораз.

Стеф Кари беше најдобар поентер со 31 поен и 11 скока, Џонатан Каминг додаде 25 поени и осум скока, Клеј Томпсон 16 поени, а Крис Пол 11 поени, шест асистенции, четири скока и три украдени топки.

Кошаркарите на Денвер Нагетс славеа против Мајами Хит со 103-97, за петта последователна победа по „Ол-стар“ паузата. По четири последователни средби на кои имаше „трипл-дабл“ учинок, Никола Јокиќ беше на дофат на нов, но впечаток е дека веќе е уморен.

Србинот имаше нешто поскромна статистика во однос на претходните седум дена, но повторно беше клучен фактор за победата на Нагетси. За 38 минути на паркетот постигна 18 поени, заедно со 11 скока, седум асистенции и една украдена топка, а во финишот постигна клучни поени за петта последователна победа на својот тим.

На преостанатите натпревари Девин Букер со 35 поени го предводеше Феникс во победата над Хјустон со 110-105, а Сан Антонио ја прекина серијата од пет порази со победата од 132-118 против Оклахома.

Најнови вести од
НБА, САД