ВИДЕО: Дебитираше на 14 години, а за први поени доби помош и од – противник!

Натпреварот од грчкиот шампионат помеѓу Арис и Маруси заврши со резултат 114-109, а во финишот резултатот остана во втор план поради момент кој ја освои спортската јавност.

Главниот херој на вечерта беше Парис Клонцарис, талентираниот кошаркар на Маруси, кој со само 14 години, 4 месеци и еден ден стана најмладиот дебитант во историјата на грчкото првенство. Момчето родено во 2011 година влезе во последните 43 секунди од мечот, и за тоа кратко време успеа да фати дефанзивен скок, изнуди прекршок и да постигне поен – на несекојдневен начин.

Со оглед на тоа што резултатот веќе беше решен, еден од играчите на Арис намерно го фаулираше, со цел младиот ас да се впише во листата на стрелци. Клонцарис ги промаши двете слободни фрлања, но потоа следеше гест на фер-плеј и му беше дадена нова шанса по уште еден договорен фаул. По нови промашувања, четвртото слободно фрлање конечно заврши во кошот, а тоа беше знак за заедничко славје на сите кошаркари на теренот и од Арис, и од Маруси.

Публиката го поздрави младиот Парис со овации, а снимката од моментот стана вирална на социјалните мрежи. Ова беше уште еден доказ дека спортот понекогаш е многу повеќе од само резултат.