Дебитантот Анадолу Ефес ќе ја предизвика ЦСКА во финалето на Ф4 турнирот

ЦСКА Анадолу Ефес

Вечерва ќе се одигра финалето на завршниот турнир во Евролигата, во кое за трофејот ќе се борат ЦСКА Москва и Анадолу Ефес.

За многумина можеби неочекуван пар го сочинуваат мечот за титула, но рускиот и турскиот гигант се изборија за херојски победи во полуфиналната фаза против Реал Мадрид, бранителот на тронот, и Фенербахче на Жељко Обрадовиќ.

Ова ќе биде деби во европското финале за Ефес, тим кој ќе има тешка задача да го надигра седумкратниот шампион од Москва. Меѓусебните дуели во регуларниот дел од сезоната исто така се во полза на „армејците“ кои двапати се радуваа на бодовите. Итудис исто така има многу подобар скор од Атаман, кој вечерва може да стане прв турски тренер со европска титула.

Кога ја презеде екипата минатата сезона од Перасовиќ, тренерот Атаман требаше да направи револуција, бидејќи екипата беше последна во Евролигата. Дојдоа новајлии како Моерман, Ларкин и Мициќ и се случи пресврт. 

На патот до полуфиналето, шампионот на Русија ја надигра Басконија, а турскиот претставник ја доби неизвесната серија против Барселона во која максимално ја искористи предноста на домашен терен.

Натпреварот се игра во 20:30 часот, а три часа претходно Реал и Фенер ќе разигруваат за третата позиција.