Деби од соништата за Нено, беше прв стрелец во победата за финале на Милано во Суперкупот

Ненад Димитријевиќ имаше деби од соништата во дресот на новиот клуб – Олимпија Милано. Нашиот најдобар кошаркар беше најдобар поединец за „манекените“ во полуфиналето од Суперкупот на Италија. 

Евролигашот немаше проблеми против Венеција, против која славеше со убедливи 73-62, а Димитријевиќ повторно беше водечка сила на својот тим. Нено полуфиналето го заврши со 14 поени, а него го следеа Никола Миротиќ со 13, Амедео Теситори запиша 12, а Давиде Касарин 10 поени.

Димитријевиќ одигра фантастично и на пријателскиот натпревар со Фенербахче пред неколку дена, но вечерашниот беше негово деби на официјална средба на Милано.

Во финалниот натпревар екипата на Милано ќе игра против победникот од натпреварот Наполи - Виртус.