• Мартин Танасковски
Кошаркарската репрезентација на Грција на Летните Олимписки Игри (ЛОИ) влезе со желба за освојување на еден од медалите, но доживеа вистински дебакл. „Хелените“ ја победија Австралија за крај на групната фаза (77-71), но за да одат понатаму ќе чекаат услуги од други.
На Грција ѝ беше потребна победа со што е можно повисока разлика за да заврши меѓу најдобрите две третопласирани репрезентации, или да остане во добра игра за тоа место, но не успеа да дојде до тоа, иако имаше перфектно прво полувреме. На Австралијците им беше потребен пораз понизок од девет разлика и успеаја во тоа.
Водени од Јанис Адетокумбо, Грците пред крајот на првото полувреме дојдоа до висока позитива од 14 поени (28-42), меѓутоа во продолжението од мечот ја прокоцкаа. Расположените „кенгури“ по паузата беа како нов тим, па со шутерско шоу намалија на само два поени негатива (50-52). Во последниот квартал беше и нерешено (57-57), па иако Грција победи на крајот, разликата на семафорот беше премала за сигурна следна фаза.
Кај Австралија одличен меч имаше Џок Лендеј со 17 поени и осум скока, лред Пети Милс со 13 поени, додека Дајсон Дејниелс заврши со 11 поени. Кај Грците, Јанис Адетокумбо постигна 20 поени со уште седум скока и шест асистенции, додека Томас Вокап имаше 18 поени.
Во последниот меч од групната фаза играат Шпанија и Канада. Ако Шпанија ја победи Канада, Австралија испаѓа, а исто и Грција според моменталниот пласман. Ако Канада ја победи Шпанија, Австралија ќе биде второпласирана, додека Грција ќе биде трета поради подобрата кош-разлика во однос на Шпанците.