Дебакл на Фенер и Обрадовиќ, Ефес првпат избори финале на Евролигата

Првпат во својата историја Анадолу Ефес ќе игра во финале на Евролигата, откако на доминантен начин го совлада Фенербахче со 92-73 првиот полуфинален дуел на Ф4, игран попладнево во „Фернандо Буеса Арена“. Неиграњето на повредените Ловерњ и Датоме и недоволно заздравените Калиниќ и Весели остави трага и екипата на Обрадовиќ по три финалиња, сезонава сопре на претпоследното скалило.

  • Извештај од натпреварот:

Полуфиналето започна израмнето, па на првиот обид на „пиварите“ со две тројки на Ларкин да се одлепат, брзо одговори Фенер. Играта под обрачите и финалната тројка на Слукас на екипата на Обрадовиќ ѝ донесе предност од 20-19 по првите десет минути. 

Србинот Мициќ одлично го отвори вториот период и со шест неодговорени поени го принуди Обрадовиќ да повика тајм-аут при 22-29. Европскиот вицешампион се врати во ритам, но брзо Слукас заработи три лични грешки и Обрадовиќ беше принуден да го внесе Гудуриќ. Разликата ја направи Џејмс Андерсон кој на половина минута до завршувањето на втората четвртина погоди тројка и дополнително слободно фрлање и Ефес на одмор замина со 40-45. 

Ларкин со персонално шоу го почна третиот период, но кога Калиниќ и Весели спуштија на -3, со своја серија се наметна Мициќ. Поранешниот бек на Жалгирис со серија на поени предноста пак ја донесе на +8. 

Данстон и Андерсон реализираа слободни фрлања за највисоки +10 во 29. минута. Разоиграните кошаркари на Ефес во пресрет на последните десет минути влегоа со 57-68 и јасна психолошка предност. 

Играта на Фенер беше непрепознатлива, па кошаркарите од клупата на Анадолу Ефес ја зголемија предноста на +16 во 32. минута и Обрадовиќ повика минута одмор. Играта на брзи поени не им даде резултат на „жолти-сините“ и Ефес го приведе натпреварот кон крај со лесна победа од 73-92.

Најефикасни поединци во тимот на Фенербахче беа Грин со 13 и Весели со 14 поени, а кај Анадолу Ефес се истакнаа Ларкин со 30 и Мициќ со 25 поени. Второто полуфинале меѓу Реал Мадрид и ЦСКА Москва се игра вечерва од 21:00 часот.