Дебакл на Бадел на стартот од ВАБА лигата: Пораз од Атлете Целје со 37 разлика

Македонскиот женски кошаркарски првак Бадел новата сезона во регионалната ВАБА лига ја започна на неславен начин, со убедлив пораз на домашен терен од словенечки Атлете Целје со резултат од 51-88 (11-25, 17-19, 11-24, 12-20).

Иако од нашиот табор пред стартот на сезоната имаше оптимистички најави со ангажирање на две интернационалки од САД, сепак ако се суди според стартот на сезоната, таа ќе биде релативно лоша, барем за оној дел од регионалната лига која доби ново име, па наместо МЖРЛК, сега го носи името ВАБА. Баделки немаа сили вечерва во натпреварот против екипата од Целје, во меч игран во салата „Независна Македонија“ да дадат ниту достоен отпор и на крај загубија со убедлива разлика од 37 поени.

Кејтилин Метју со 17 поени беше прв стрелец во екипата на Бадел, додека со 13 поени мечот го заврши Нена Трајчевска. Во победничката екипа на Атлете Целје извонредна партија пружи Анамариа Презељ со 36 поени.