Давитков: Не размислувавме на одмазда, победата во Косово е слатка

Македонија со победа кај Косово ја отвори  втората претквалификациска фаза за ЕП 2021, а селекорот Јорданчо Давитков по мечот истакна дека е задоволен од добриот старт и дека победата на свој начин, иако тешко извојувана, е слатка.

„Одигравме добар натпревар за овој период од годината. Го контролиравме од прва до последна минута. Бевме солидни во одбраната, освен што Бериша излегуваше од контрола и даваше чудни шутеви. Косово имаше поддршка и од публиката, но мислам дека заслужено дојдовме до триумф. Бевме борбени, иако е факт дека играчите не се подготвени за вакви натпревари. Не сакаме како лани да одлучуваат други за нас, туку да ја држиме контролата во наши раце. Не размислувавме за одмазда, а победата е слатка. Иако во финишот работите неочекувано излегоа од контрола и имаше интересна завршница. Сега, за нас следи Романија, против која ако победиме ќе бидеме многу блиску до наредната фаза“, изјави Давитков.

Следниот меч во квалификациите за ЕП 2021 нашиот национален тим го игра за три дена, кога во Скопје гостува Романија.