Давитков: Мора да бидеме спремни на сè во овие претквалификации!

Кошаркарската репрезентација на Македонија пристигна во Словачка, каде ќе го игра првиот натпревар од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2021 година.

Прв наш ривал се незгодните Словаци, кои на избраниците на Давитков ќе им се спротистават со двајца Американци во составот и со кои веќе игравме еден пријателски натпревар ова лето и загубивме. 

Македонија на располагање на првата средба ќе ги нема Бојан Трајковски и Ѓорѓи Чековски, а исто така отсутен ќе биде и плејмејкерот Александар Костоски, кого во првиот состав ќе го менува младиот Бобан Стајиќ.

„За овој претквалификациски циклус можам да кажам дека се може да се очекува. Составот е тој ако се изземат несреќните повреди на Чековски, Трајковски и најновата на Костоски. Репрезентацијата е подмладена со играчи кои ќе бидат идните лидери на оваа селекција. Словачка ни е сериозен противник, со двајца Американци. Ќе се обидеме да го извлечеме најдоброто што го можеме. Во секој случај ќе имаме поголеми проблеми со надворешните линии, имаат двајца Американци кои се одлични шутери, со нивните високи играчи – и не толку. Не гледам некој посебен психолошки притисок, Словачка во февруари треба да дојде во Скопје. Ќе видиме, притисокот повеќе треба да биде кај нив. Ние ќе се обидеме да изиграме и да го извадимте најдобро од нас“, изјави селекторот Давитков.

Кошаркарите ќе се соочат со Словачка в четврток од 18.00 часот. Победата во нашиот табор е повеќе од посакувана, пред домашниот натпревар против Швајцарија кој се игра три дена по мечот со Словаците.