Давитков ги отпиша Теодор и Крстевски за турнирот „Трофеј Македонија“

Денес започнува седмото издание на кошаркарскиот турнир „Трофеј Македонија“ во кој учество ќе земат репрезентациите на Македонија, БиХ, Португалија и Холандија.

Селекторот Јорданчо Давитков го најави овој турнир во кој ги отпиша Џордан Теодор и Бојан Крстевски, а Димче Тасевски го остави под знак прашалник.

„Резултатот секако нема да ни биде императив иако нема човек кој не сака да победува, јас особено сакам да победувам. На овој турнир ќе видиме поконкретно до каде сме со силите и што ќе се случува понатаму. Ако го изземеме резултатот, се надевам дека нема да имаме некои нови проблеми со повреди кои дополнително би нè извадиле од колосек. Теодор и Крстевски со повредите се поштедија себеси од овој турнир, а ќе видиме и Тасовски колку ќе може да ни помогне денес“ , вели селекторот.

Македонските кошаркари денес ќе го отворат турнирот против Португалија со почеток од 20.30 часот.