Давитков: Да го имавме овој тим претходно, ситуацијата ќе беше поинаква

Јорданчо Давитков, селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, по триумфот над Словачка во претквалификациите за ЕП истакна дека е максимално задоволен од играта на нашиот национален тим и потенцира дека играта на сите избраници била на ниво.

„Помалку или повеќе очекувана победа. Пред натпреварот најавив дека сакам ваков епилог. Словачка беше подобра отколку на натпреварот во Попрад. Беа растеретени по поразот од Швајцарија, погодија доста шутеви за три што не изненади. Одигравме добар натпревар, не ми се допаѓаа само некои осцилации кои ги имавме. Но таков спорт е кошарката, тешко е да се држиш на ниво цело време. Остануваме први на табелата“, изјави Давитков.

Со Костоски и Трајковски, ситуацијата на паркетот беше поинаква. Давитков истакна дека да го имал овој тим во август, кога Македонија играше во претквалификации за СП 2019, ситуацијата ќе беше поинаква и дека немаше да играме во оваа фаза.

„Јас кажав и претходно, да го имавме овој тим во август со Трајковски и Костоски ситуацијата ќе беше далеку поинаква, немаше да се сретнеме на оваа прес-конференција и да зборуваме на тема претквалификации. Што се однесува до играчкиот ростер, додека јас сум селектор ќе ги повикувам најдобрите. Но, списокот секако дека не е заклучен. Ако има подобри играчи ќе ги повикаме. Нема да се откажам од никого“, заврши предводникот на националниот тим.

Македонија е единствена селекција со три победи на три меча во групата. Во последното коло од претквалификациите, нашата репрезентација се среќава со Швајцарија.