• Иван Димовски
Пелистер го победи Куманово во претходното коло на Суперлигата на Македонија, а в среда го дочекува кипарски Керавнос во последното коло од ФИБА Европа купот.
Во пресрет на натпреварот своите очекувања ги сподели тренерот Боро Даскаловски. Тој е среќен за прекинатата серија порази, а најави голема борба против ривалот од кипар во Битола.
„Најважно од се е што играчите имаа сосема поинаква енергија, она што го зборувам од почетокот, секогаш кога имаме енергија и агресивност, имаме резултат. Секако, треба време, нова екипа сме, играме во силен ритам два меча неделно и нема премногу време да работиме на овој аспект. Секако, среќни сме што успеавме како гости да славиме против силен ривал како Куманово, тоа е потврда за нашиот квалитет, потврда за играчите дека се што се работи и на трениннзите и на скаутингот, дека се се вклопува и се движиме во вистинска насока… кошарката е игра на детали и јас верувам дека се ќе се поклопи… Добро е што во второто полувреме со Куманово бевме на едно потребно ниво, особено дефанзивно и очекувам во ист стил да продолжиме и во наредниот период.
Ние од самиот почеток на европската сезона гласно кажавме дека цел ни е да се претставиме што подобро, да забележиме што повеќе победи за нас како клуб, за нашиот рејтинг и за македонската кошарка. Досега за жал имаме само една победа, но говорам во името на сите во клубот кога велам дека сакаме уште една радост на европската сцена. Нема да ни биде лесно, играме со тим што во 2020 беше дел од групната фаза на ЛШ, Керавнос дваесетина години е дел од ФИБА натпреварувањата и го поседува европското искуство што нам ни недостига. Тие се солидна екипа, имаат 7-8 странци кои го диктираат темпото, но верувам дека конечниот исход ќе зависи од нашето издание. Ако бидеме на посакуваното енергетско ниво како второто полувреме во Куманово можеме да се надеваме на позитивeн исход“, изјави Даскаловски.
Натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ се игра в среда во терминот од 19:00 часот. Двете екипи имаат по една победа и четири порази и немаат шанси за следната фаза во натпреварувањето.


