• Горан Упале
Кошаркарите на Пелистер први од Македонија ќе ја отворат сезоната, затоа што добија позитивен одговор за настап во Лигата на шампионите на ФИБА. Битолчани во ова натпреварување тргнуваат од квалификациите, а во четвртфиналната фаза ќе се судрат со тимот на Реџо Емилија од Италија.
Во пресрет на средбата која што ќе се одигра во Самоков, новиот тренер Борче Даскаловски прво им се заблагодари на сите во клубот за дадената доверба, а потоа ги искажа очекувањата од натпреварот со италијанскиот претставник.
„Сакам да се заблагодарам на клубот, како и на македонскиот селектор Марјан Илиевски кој е генерален менаџер и на сите во клубот за огромната одговорноста која ми ја доделија. Организациски клубот е на завидно ниво, а пред мене и моите играчи ќе бидат големи очекувања. Првенствено што подобро претставување во европски рамки и тоа во квалификациите за Лигата на шампионите. Во првиот елиминациски натпревар играме против Реџо Емилија, екипа која е прволигаш во Италија и лани беше дел од плеј-офот. Ова е навистина квалитетен ривал, но тоа е за нас само голем предизвик за мене и играчите. Имаме комплетни информации за противникот, има квалитетен грчки тренер. Самиот тим е целосно склопен и супер-квалитетен кој игра на високо ниво многу години. Тоа е едно поинакво квалитативно, но и организациско ниво.
Ние сакаме да го претставиме Пелистер, Битола и Македонија во најдобро светло. Пелистер има доста добри позиции и при елиминација од ЛШ, бидејќи веќе е позната групата за Европа купот каде што нè очекуваат шест квалитетни натпревари.
Во домашното првенство сакаме да донесемем барем еден од трофеите во Битола. Ростерот кој беше направен ова лето со шест странци колку што дозволува правилото за учество во квалификациите за ЛШ и настап во ФИБА Европа купот. Ние работевме напорно и се надевам добро за да донесеме квалитет и калибар на играчи колку што се може со нашиот континуитет на меѓународен план. Од домашните играчи на мое огромно задоволство, огромно засилување се очекува да биде Андреј Митревски кој одлично се вклопи. Тука е Бобан Стајиќ, долгогодишен репрезентетивец, како и Лука Стојановски кој даде голем придонес ова лето за Македонија. Исто така тука е и Дамјан Крстевски, а засега тука се затвора овој круг. Целиот спој за овој краток период е добар. Жалам што не успеавме да одиграме само повеќе пријателски натпревари, ама ќе се обидеме во догледен период да се воиграме бидејќи станува збор за комплетно нова екипа. Треба да се навикнеме едни на други и на начините на работа, па така единствена и најважна компонента е трпението. Верувам дека успехот нема да изостане и ќе успееме да ги исполниме сите или делумно зацртаните цели. Мојата основна замисла е да можеме да одговориме со физичка подготвеност во два правци. Имаме доста поливалентни играчи кои можат да одговорат на она што јас го барам од нив. Потребно е одредено време за сè тоа да се вклопи“, изјави Даскаловски.
Пелистерци четвртфиналето со Реџо Емилија го играат в петок, со почеток од 15:30 часот.



